АБА-2: МЗТ Скопје во прв, Пелистер во трет шешир, Работнички и ТФТ се надеваат на специјална покана

Јадранската АБА-2 лига од следната сезона ќе има нов систем на натпреварување. Балоните заминуваат во историјата, а екипите повторно ќе играат натпревари дома-гости, но поделени во групи.

Во второлигашката јадранска конкуренција ќе учествуваат најмалку две македонски екипи, а оваа бројка може да се искачи до максимални четири. Вкупно во лигата ќе настапат 16 екипи, поделени во четири групи, а најдобрите две продолжуваат во следната фаза. Потоа повторно се формираат групи, овој пат две со по четири екипи и повторно најдобрите две продолжуваат во полуфиналето.

Сигурни учесници од Македонија се МЗТ Скопје и Пелистер, а веќе познати се и шеширите. Шампионот на Македонија ќе биде дел од првиот шешир заедно со екипите на Подгорица, Војводина и Златибор. Во вториот шешир се најдоа екипите на Борац, Домжале, Широки и Сутјеска. Во третиот шешир освен финалистот од првенството на Македонија, Пелисер, се и екипите на Цедевита јуниор, Динамо Загреб и Илирија.

Последните четири места ќе бидат пополнети со специјални покани или со одигрување на квалификации, а тука конкурираат вкупно девет екипи. Освен нашите Работнички и ТФТ, се пријавија уште и Босна, Слобода Тузла, Приморје, Теодо, Шибенка, Шенчур и Вршац.

Одлуката за последните четири места ќе биде донесена на 19-ти јуни.

- Оглас -

Најнови вести