АБА-лигата изгледа ќе мора да се згасне, проблем се Цибона и Морнар!

Денешниот состанок на Собранието на кошаркарската АБА-лига, одржан преку „Зум“, донесе неочекуван проблем.

Мнозинството клубови (Црвена ѕвезда, Партизан, Цедевита Олимпија, ФМП Железник и Мега) изгласале дека Цибона и Морнар, кои испаднаа, не може да играат во АБА-лигата следната сезона без да платат вајлд-карта од 200.000 евра. Овие два клуба првично се согласија да платат за посебна покана, но потоа одбија да ги сносат дополнителните трошоци поврзани со учеството во натпреварувањето.

Против преселба на Цибона и Морнар во АБА 2 биле Будуќност, Студентски центар, Крка и Задар, а Игокеа била воздржана.

Се очекуваше денешното Собрание да биде мирно и натпреварувањето да се прошири на 20 клуба, што би значело дека Цибона и Морнар ќе останат во лигата и дека ќе се разговара за системот на натпреварување и наградниот фонд, но се случи пресврт.

Со оглед на тоа што двата клуба се дел од сопственичката структура на лигата и како такви можат да го блокираат натпреварувањето, веројатно е дека ќе има борба и надвор од теренот. Во случај на блокада, АБА-лигата ќе мора да ја затвори постојната компанија и да отвори нова.

Инаку, за очекување е АБА-лигата да се прошири на 18 или 20 клубови, а нови имиња ќе бидат клубови кои не се од просторите на некогашна Југославија.

Опцијата за играње во АБА 2 лигата е на маса, но загрепскиот клуб не сака да игра во таа лига, додека ставот на Морнар не е познат.

Потврдено е дека АБА 2 лигата ќе има нов систем за натпреварување, но ќе биде обелоденет во наредниот период. Во АБА 2 ќе има три македонски клубови.

 

- Оглас -

Најнови вести