Роман Абрамович сè уште чувствува болка поради продажбата на Челзи, го загуби своето дете, изјави поранешниот фудбалер на лондонскиот клуб Џон Оби Микел.
Абрамович беше сопственик на Челзи од 2003 до 2022 година. Под негово водство, Сините петпати станаа шампиони на Англија, пет пати го освоија ФА купот, трипати го освоија Лига купот, а ги освоија и Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Поради санкциите од Велика Британија, рускиот бизнисмен беше принуден да го продаде Челзи на конзорциум предводен од американскиот инвеститор Тод Боли.
„Тажно е што се случи да го загуби својот фудбалски клуб. Сè уште разговарам со негови блиски луѓе и ми кажуваат дека тоа сè уште го боли. Лут е поради тоа што се случи. Го изгуби своето дете, Челзи беше негово дете. Тој навистина се грижеше за клубот, не само за играчите туку и за навивачите. Не знам премногу за овие американски сопственици. Ако некој го нарекува фудбалот „сокер“, не сакам да разговарам со него затоа што очигледно не ја разбира играта. Роман беше фантастичен. Потроши толку многу пари за градење фудбалски клуб, привлекувајќи ги најдобрите, секогаш внимавајќи да останеме на врвот“, рече Оби Микел на неговиот поткаст Obi One.