На повидок е изненадувачки трансфер во Премиер лигата откако „Скај спортс“ објави дека Лидс се интересира за супербрзиот и физички силен шпански репрезентативец, Адама Траоре. Според „Скај“, Траоре има дозвола да си замине од Вулверхемптон ако клубот добие финансиски примамлива понуда.
За Траоре, кој во минатата сезона беше фантастичен, се интересираа некои гиганти на европскиот фудбал и затоа шпекулацијата дека би заминал во просечниот англиски клуб е изненадувачка. Неговата форма оваа сезона е падната, нема ни гол, ни асистенција на 15 настапи во сите натпреварувања, а и преговорите околу нов договор со Волците се закочени.
Траоре посакува да биде првотимец и да игра редовно за да може да се најде во составот на Црвената фурија на Европското првенство. Во Лидс би бил стартер, а клубот од Јоркшир наскоро ќе добие 50 милиони фунти поради растот на акциите на берза на НФЛ-тимот Сан Франциско 49 ерс, кои се во тесни односи со клубот на македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски.