Адеми и соиграчите не прифаќаат да им се скратат платите во Динамо

Поради пандемијата со Коронавирусот, речиси и да нема фудбалски клуб во светот кој не трпи финансиски загуби. Хрватскиот првак Динамо имаше одлична сезона, настапуваше во групната фаза од Лигата на шампионите и заработи одлична сума за балканските простори.

Сепак, поради прекинот на натпреварите, челниците на Динамо најавија дека ќе мора да ги скратат платите на сите во клубот, вклучувајќи ги и фудбалерите од првиот тим. Одлуката на клубот е да има кратење на платите на сите оние кои заработуваат повеќе од 1.000 евра месечно.

Оваа одлука на првите луѓе на Динамо воопшто не беше добро примена од фудбалерите и членовите на стручниот штаб. Според пишувањата на хрватските медиуми, македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој е капитен на Динамо, заедно со соиграчите и тренерот Ненад Бјелица не го прифатиле предлогот да потпишат дека се согласуваат со намалување на платите.

Според пишувањата, најскап играч во Динамо е Марио Гаврановиќ со 800.000 евра годишно, а потоа следуваат Доминик Ливаковиќ со договор вреден 750.000 евра. Капитенот Адеми годишно заработува 600.000 евра. Ниту еден играч од Динамо не се согласил да има намалување на платите, па останува неизвесно што ќе биде следниот чекор на првите луѓе на хрватскиот првак.

- Оглас -

Најнови вести