Динамо Загреб трета година по ред ќе игра во едно од двете меѓународни натпреварувања на УЕФА, откако со триумф од 3-1 над Флора се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа.
Македонскиот репрезентативец и капитен на Модрите, Аријан Адеми, беше еден од стрелците во победата, кога во 26-тата минута зголеми на 2-0 во корист на домаќините, откако претходно Гаврановиќ ја затресе мрежата на Флора. Синијавски на половина час до крајот на мечот му донесе надеж на естонскиот тим, меѓутоа Динамо го сочува водството за пласман во главната рунда.
Адеми во финишот уште еднаш успешно се закани, зголеми на 3-1 во 88-мата минута за решавање на сите дилеми.
Црвена ѕвезда од сезоната 2017/18 повторно ќе игра во групите на Лигата на Европа, по триумфот на гости од 2-1 против Арарат. Тимот на Дејан Станковиќ до предност од 2-0 стигна преку Катаи и Фалчинели, кои забиваа во 45-тата, односно 60-тата минута од мечот.
Арарат за момент се врати во игра преку Лима во 72-рата минута, но недоволно да избегне пораз и елиминација во плејофот.
Ѕвезда четврта година во низа ќе игра во групна фаза во еден од двата клупски шампионати на УЕФА, откако во претходните две сезони учествуваше во групите од ЛШ.
Пласман обезбеди Лех Познањ со триумфот од 2-1 над Шарлроа. Гранада за првпат во клупската историја се пласира во групите по победата од 3-1 против Малме, додека ПСВ беше подобар од Розенборг со конечни 2-0. Либерец во судиското надополнување со реализираниот пенал на Мара го елиминира Апоел со минимални 1-0.