Аријан Адеми повторно се повреди и големиот борец и капитен на Динамо Загреб мораше да го напушти теренот во Максимир, само 12 минути откако влезе во игра на мечот против Локомотива.
Капитенот на популарните Модри и стандарден репрезентативец на Македонија се судри со својот соиграч Јосип Мишиќ и падна како покосен на тревата.
Откако реагираше медицинскиот тим на Динамо, големиот борец се врати во игра, но по неколку минути покажа дека не може и бараше да биде заменет.
Адеми влезе во игра веднаш на стартот од второто полувреме, а се повреди во 58. минута и беше заменет.
„Аријан доби удар во мускулот. Се уште немаме дефинитивна слика за каква тежина на повреда се работи“, изјави тренерот на Динамо, Копиќ.
Адеми и претходно сезонава паузираше поради повреди, а новата повреда ќе го загрижи и селекторот на Македонија, Боби Милевски.
Македонија на 24. март ќе игра со Италија во Палермо во полуфинален бараж меч за настап на Мундијалот во Катар.