Ненад Бјелица си замина од Динамо Загреб по маратонските преговори што завршија предмалку, а траеа над 3,5 часа. Тренерот на популарните Модри не прифати да му се намали платата и одлучи да се раздели со лидерот во ХНЛ.
Сега е веќе и извесно дека капитенот Аријан Адеми и неговите соиграчи ќе имаат нов шеф на стручниот штаб. Бјелица влета во кавга со сопственикот во сенка, Здравко Мамиќ, кој побегна од Хрватска по пресудата да лежи затвор и од Меѓугорје, БиХ, раководи со клубот.
Недоразбирањата почнаа по несреќно примениот гол од Шахтар во последните секунди, што го чинеше Динамо испаѓање од Лигата на шампионите и од Лигата на Европа. Кавгата продолжи и кулминираше со разделба на тренерот што имаше успеси со Динамо.
Бјелица ќе добие отштета, но колкава е сумата, не е објавено. Имаше договор на уште година и половина да го предводи Динамо од клупата.
„Договоривме заеднички да се разделиме. Не прифатив да ми ја намалат платата и останувам на тој став. Уживав во периодот од 22 месеци како шеф на стручниот штаб на Динамо, но во последно време некој друг носеше одлуки без да не консултира“, изјави Бјелица.
Се очекува во текот на оваа или следната недела Динамо да именува нов тренер.