Адеми: Табелата изгледа грдо, не сме навикнати така да ја гледаме

По шестмесечната „екскурзија“ во Кина, Аријан Адеми повторно се врати во својата фудбалска дома, односно во Динамо Загреб. Македонскиот репрезентативец цели 13 години помина во дресот на Модрите, кога во март реши дека сака нов предизвик и направи трансфер во Кина. Сепак, по само шест месеци, Адеми реши дека сака да се врати во Динамо и сега повторно е меѓу своите.

„Мило ми е што повторно сум тука. Не сум ни свесен дека повторно сум тука, ќе ми бидат потребни неколку дена. Кога си заминав, бев сигурен дека нема повторно да се вратам како играч, но се случи нешто лудо и ете ме тука“, рече Адеми на промоцијата.

Динамо без Адеми во првите пет кола не започна како што посакуваше. Актуелниот првак претрпе еден пораз, а еднаш одигра и нерешено, па има само 10 од можните 15 бодови, што е доволно за четвртото место на табелата, каде лидер е Хајдук со 15 бодови, но од шест средби.

„Табелата изгледа грдо, не сме навикнати на тоа. Хајдук игра многу добро, тоа е одлична екипа, но ние мораме да се фокусираме на нашата игра. Ако играме на посакуваното ниво, мислам дека ќе ја освоиме титулата. Уште е далеку, ова е маратон кој трае. Секој меч е најбитен, секој меч е како финале и не смееме да губиме бодови“, рече Адеми.

- Оглас -

Најнови вести