Во неделата на „Максимир“ заврши една ера, македонскиот репрезентативец Аријан Адеми го одигра последниот натпревар во дресот на Динамо Загреб.
Историјата сакаше Адеми последниот натпревар како играч на Модрите да го игра против Риека, тимот против кого пред 13 години го одигра првиот натпревар во дресот на Динамо.
Во изминатите 13 години, на 373 натпревари Адеми со своите игри и пожртвуваност ги освои срцата на навивачите за кои Македонецот е најголемиот капитен во историјата на клубот.
Адеми беше испратен како што му доликува на најголемиот капитен во историјата на Динамо, доби овации од трибините, а „Бед блу бојси“ имаа свое шоу. Објавија транспарент со неговиот лик, потоа ги креираа иницијалите „А.А.“ и поставија уште еден транспарент на кој пишуваше „373 пати срце на терен – капитену, ти благодариме за сè“.
По натпреварот, Адеми го поведе навивањето заедно со верните „Бед блу бојси“.
„Имаше многу големи моменти, големи победи, но последниот меч за Динамо беше специјален. Сè уште не сум свесен дека си заминувам ,се обидов да бидам максимално фокусиран на натпреварот бидејќи ни беше потребна победата над Риека. Им благодарам на играчите бидејќи сите сакаа да си заминам среќен. Мојот најголем сон го остварив кога го облеков дресот на Динамо. Тешко дека ќе се вратам во Динамо како играч, но се гледам на некоја друга функција. Би сакал да бидам тренер. Како капитен имав голема одговорност, секој ден си легнував со Динамо и се будев со Динамо“, изјави Адеми по натпреварот.