Поранешниот македонски репрезентативец, Аријан Адеми, оваа сезона има мала минутажа во екипата на Динамо Загреб и тоа пред се поради клаузулата од договорот за негов трансфер од кинескиот Пекинг гуан, кој се однесува токму на одиграните минути, но и забраната за настапи во европските клупски натпреварувања, а се со цел Динамо да избегне плаќање на дополнителните бонуси за кинезите.
Сепак, и покрај тоа, Адеми оваа сезона собра 26 настапи за Динамо Загреб, а дуелот против Вараждин за него беше 400-ти во дресот на „модрите“. Тој е втор на вечната листа по бројот на настапи за Динамо, а само еден фудбалер, легендарниот голман, Дражен Ладиќ, има собрано повеќе настапи.
Поранешниот голман на Хрватска, за Динамо настапил на 468 натпреаври, па се очекува многу скоро, за најмногу две сезони, Адеми да го мине на вечната листа, со оглед на тоа дека има 32 години и пред него се уште неколку сезони кои треба да ги одигра на високо ниво.
Аријан Адеми својата кариера ја започна во родниот Шибеник, а во 2010-тата се пресели во Динамо Загреб. Една полусезона мина како позајмен во Локомотива Загреб, а неколку месеци беше дел и од кинескиот Пекинг гуан. За репрезентацијата на Македонија одигра 33 натпревари.