Јанис Адетокумбо стана најголемото име на пазарот на слободни играчи и потенцијалните трејдови во НБА-лигата, кој се затвора на 5 февруари.
Само два дена пред рокот за размена на играчи во сезоната 2025/26, преговорите околу иднината на ѕвездата на Милвоки бакс влегуваат во завршна фаза.
Според информациите, Бакс веќе испратиле контрапонуди до екипите кои агресивно се обидуваат да ја донесат 31-годишната грчка суперѕвезда, еден од најдоминантните играчи на денешницата.
Како што наведуваат извори на ЕСПН, четири клубови во моментов се најактивни и најзаинтересирани за потписот на Адетокумбо – Мајами хит, Минесота тимбервулвс, Голден стејт вориорс и Њујорк никс.
Во Милвоки владее уверување дека циклусот на Адетокумбо во дресот на Бакс е завршен. Речиси по 13 години во клубот, Гркот, според американските медиуми, дури бил исвиркан од дел од домашните навивачи, што дополнително го зацврстило ставот на управата дека е време за реконструкција на екипата.
Адетокумбо, кој оваа сезона во просек бележи 28 поени, десет скока и 5,6 асистенции, веќе со месеци му дава до знаење на клубот дека смета дека неговата мисија во Милвоки е приведена кон крај.
Јанис Адетокумбо го потпиша својот прв професионален договор во 2012 година со ЦАИ Сарагоса, а само една година подоцна Милвоки бакс го избраа како 15-ти пик на НБА-драфтот во 2013 година. Оттогаш израсна во најголемата легенда на франшизата.
Денес е рекордер на тимот по бројот на поени, на скокови, на асистенции, на блокади и на одиграни натпревари. Ја освои МВП наградата на НБА-лигата во 2019 и 2020 година, го предводеше Милвоки до шампионската титула во 2021 година, кога беше и МВП на финалето, а во својата богата колекција го додаде и НБА Купот во 2024 година.
Адетокумбо оваа сезона по десетти пат по ред беше избран за стартер на Олстар натпреварот, со што уште еднаш го потврди статусот на еден од најголемите играчи на својата генерација.
Останува да се види дали Бакс во наредните денови ќе повлечат историски потег и ќе започнат нова ера без својот најголем симбол или Јанис сепак ќе остане уште малку во градот во којшто стана НБА-икона.

