Кошаркарската репрезентација на Грција обезбеди место во четвртфиналето на Евробаскет со победа над Израел од 84-79. За разлика од дел од останатите фаворити кои се мачеа, Грците одиграа зрело и во „Шаоми Арената“ во Рига ја остварија својата цел, пласман меѓу најдобрите осум селекции.
Од самиот почеток Грција ја контролираше играта, одржувајќи предност која постепено ја зголемуваше. Во првото полувреме највисоката разлика изнесуваше 11 поени (50-39), а на одмор тимот замина со резултат 50-41.
Израел успеа да се врати во третата четвртина и намали на 60-58, но Грција веднаш одговори со серија од 6-0 и повторно се оддалечи. На стартот на последната четвртина предноста достигна 73-59, што се покажа како клучна. Иако Израелците се обидоа да се вратат, фаворитот без поголеми проблеми го задржа водството.
Најзаслужен за триумфот беше Јанис Адетокумбо со феноменални 37 поени и десет скока, додека кај Израел се истакна Дени Авдија со 23 поени.