Адиос Мадрид: Рамос сака да си замине од Реал!

Серхио Рамос, капитенот на Реал Мадрид, наводно ќе го напушти клубот по крајот на сезоната наместо да ја обнови соработката. Реал моментално не се наоѓа во поволна ситуација со оглед на резултатите кои ги бележи екипата, а Рамос смета дека е вистински момент да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Рамос влезе во последната година од договорот со Кралевите, а наместо да склучи нова соработка, преговорите наидоа на ќор-сокак и се чини дека шпанскиот првак ќе остане без услугите на еден од најдобрите дефанзивци на сите времиња.

Шпанските медиуми тврдат дека Рамос одлучил да си замине, а фаворит за неговиот потпис е ПСЖ, кој од претходно изготви вртоглава понуда од 20 милиони евра по сезона, односно вкупно 60 милиони евра за три години.

Од 2005 година, кога во Реал дојде од редовите на Севилја, Рамос стана клупска легенда со запишани 660 настапи за Кралскиот клуб во сите натпреварувања во кои постигна точно 100 погодоци и има 40 асистенции.

Во селекцијата на Шпанија е апсолутен рекордер со 178 настапи, додека Рамос брои 18 трофеи на клупски и на репрезентативен план, а како најзначајни се четирите титули во ЛШ, две Европски првенства и еден Мундијал.

- Оглас -

Најнови вести