Меѓу групата одлични напаѓачи во претходните 10-тина години сигурно има место и за Адријано. Бразилецот како да имаше „топ“ во левата нога, беше страв и трепет за противничките мрежи. Тој е класичен пример за тоа како талентиран играч од сиромашно семејство, успеал да стигне до светските височини, но потоа и да се врати таму од каде што тргна.
Адријано израснал во фавелите во Рио де Жанеиро, каде што живеат најсиромашните, а таму се и најопасните делови од градот. Спортот му бил единствена опција да излезе од сиромаштијата, а многумина сметаат дека и покрај одличната кариера, никогаш не го искористил 100 отсто својот талент. Адријано играше за Фламенго, Интер, Фиорентина, Парма, Сао Пауло, Рома… и заработи над 40 милиони евра, пари доволни за да има комфорен живот.
Сепак, во екот на неговата кариера се соочи со проблеми со депресија, потоа и со алкохолизмот, а влезе и во лошо друштво. Го поврзуваа со криминал со дрога, а и по некои неуспешни инвестиции, едноставно исчезна поголем дел од богатството на Бразилецот.
Сега, како 36-годишен поранешен фудбалер, Адријано повторно е назад таму од каде што тргна – фавелите во Рио де Жанеиро. Наместо луксузни автомобили, скапи хотели, тој живее повлечено. Адријано не се срами од тоа што повторно е во фавелите, па се пофали на социјалните мрежи како ужива додека се бања во корито и прави скара на две цигли и една решетка.
Адријано можеби го нема богатството од времето кога беше во врвот на кариерата, но на неговото лице може да се забележи насмевка и среќа, што значи дека барем му исчезнала и депресијата.