Аеродромци повторно контра Перо Антиќ, бараат почитување на актите

Од МЗТ Скопје Аеродром немаат намера да учествуваат во гласањето за тоа дали треба да се прогласи првак и со тоа да има и испаѓање од првата кошаркарска лига. Тие сметаат дека според статутот на Федерацијата, клубовите немаат право да одлучуваат за ваква работа.

„Перо Антиќ како кошаркар секогаш атакуваше на победа, без разлика дали тоа било во клупскиот или репрезентативниот дрес. Желбата да се атакува на победа по секоја цена и без разлика на последиците дефинитивно останала кај Перо Антиќ и при вршењето на функцијата претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Но, ако ваква карактерна особина е посакувана кај играч, таа е проблематична и погубна за кој било спортски работник.

Како поинаку да се сфати неговиот последен потег топката за разрешницата на сезоната да се префрли кај прволигашите, и тоа откако тие веќе еднаш го кажаа својот став, а особено откако членовите на неговиот Управен одбор (УО) се изјаснија по ова прашање. Министрите, кои тој самиот ги предложи и ги постави во својата влада, само пред неколку дена, со 80% од гласовите, според нашите информации, се изјаснија за предвремен крај на првенството во сите лиги со прогласување за шампиони на првопласираните екипи во моментот и без испаѓање од сите конкуренции.

Тоа значи прогласување на МЗТ Скопје Аеродром за првак и проширување на елитата со двата најдобри тима од Втората лига, нешто што очигледно не му е по мерак на Антиќ, од кои причини навистина не знаеме. Поради тоа што не му беше остварена желбата, односно не му беше прифатен наметнатиот став за поништување на сѐ што беше одиграно сезонава, првиот човек на КФМ реши да ги игнорира своите први соработници во сопствената „Влада“ и да се сврти кон прволигашите. Сега од нив бара итно да гласаат за две понудени опции кои тој самиот ги смислил, иако пред малку повеќе од еден месец, на видеосостанок на 19 март клубовите веќе ги искажаа своите мислења и ставови.

Со ова Антиќ направи не само грешка во чекори, туку во исто време и двојно водење на топка, прекршок во напад и петта исклучувачка лична. Во целост ја утна процедурата од Статутот на КФМ, во кој јасно е наведено кое тело какви одлуки може да носи. Ова што го бара е амин од Здружението на прволигашите, кое има ингеренции само да дава советодавни мислења до Управниот одбор, без можност да носи какви било одлуки. Особено не за вакви круцијални прашања за сезоната, кои би имале импликации за македонската кошарка на подолги патеки. Актите се јасни и децидни за тоа кој го има последниот збор за сите важни работи поврзани со овој спорт кај нас, а тоа не се клубовите (пред сѐ поради личните интереси кои би ги имале во дадена ситуација), туку тие што се избрани да го предводат макбаскетот – членовите на УО на КФМ.

Поради процедуралната грешка, но и фактот што веќе на 19 март нашиот клуб го искажа својот став околу крајот на првенството, двата елитни тима на МЗТ Скопје Аеродром нема да учествуваат во ова алиби гласање организирано од Антиќ со цел да ја добие војната со замислениот непријател, без разлика што со тоа ѝ штети на македонската кошарка во целост. Нашиот став останува ист, а тоа е запазување на спортскиот сегмент дури и во овие тешки времиња, но пред сѐ со почитување на актите и на процедурата.

Воедно, страв ни е што ако претседателот на КФМ не биде задоволен и од начинот на кој ќе гласаат клубовите, како што очигледно не е задоволен од мислењата кои ги доби од членовите на својот УО. Дали тогаш Антиќ ќе донесе одлука за анкетирање на случајни минувачи во близина на Куќата на кошарката и бележење на нивните гласови сѐ додека не го добие посакуваниот резултат.

Како што тргнала работата, и такво нешто не би нè изненадило од некогаш големиот кошаркар, а сега изгубениот во процедурите и во актите претседател на КФМ“, стои во соопштението на МЗТ.

- Оглас -

Најнови вести