Усман Дембеле сака да остане во Барселона, преговорите за продолжување на договорот се во тек, но двете страни имаат сосема различни појдовни точки и се далеку од договор.
Целата ситуација се вжешти со изјавата на агентот на Дембеле, Сисоко, кој откри дека раководството на Барса му се заканува на неговиот штитеник со преселба на трибини во следните шест месеци, ако не го продолжи договорот според условите што ги нуди клубот.
„Барселона ќе го загуби Дембеле по нивна вина. Не ги прифаќаме заканите дека ќе го испратат на трибини во следните шест месеци и дека нема да игра фудбал, ако не го продолжи договорот со условите што ги нудат. Не им се плашиме“, рече Сисоко.
Во август 2017 година, Дембеле дојде во Барселона од Борусија Дортмунд за огромна сума на пари од 105 милиони евра, плус и бонуси од околу 40 милиони евра.
Францускиот репрезентативец тогаш потпиша петгодишен договор што истекува ова лето и може да ја смени средината без отштета.
Тој изјави дека сака да остане во Барселона, но раководството на гигантот сака прво да се обезбеди со нов договор за да не го загуби Усман без отшета.
Барса нуди услови што не се прифатливи за Дембеле, барем според изјавите на агентот Сисоко, па може да се случи францускиот интернационалец, кој е еден од најскапите играчи во историјата на Барселона да си замине ова лето и тоа без отштета.