Македонскиот репрезентативец Агон Елези е на чекор до нов предизвик во кариерата, откако во наредните денови се очекува да стави потпис на договор со босанскиот премиерлигаш Сараево.
Фудбалерот за врска, кој има 24 години, ќе пристигне како слободен играч, откако официјално ја прекина соработката со германскиот Бохум. Во минатата полусезона настапуваше како позајмен фудбалер во хрватска Горица, а по враќањето во Бохум, двете страни се договорија за спогодбен раскин на договорот, што ја отвори вратата за негов трансфер на „Кошево“.
Елези треба да пристигне во Сараево денеска, а веќе утре ќе ги изврши медицинските тестови и ќе го потпише договорот со клубот. По тоа, ќе следува и официјалната промоција во новиот дрес.
Инаку, Елези беше ангажиран од Бохум пред една година, кога пристигна од Вараждин, но не доби вистинска шанса и се врати во Хрватска на кратка позајмица. Сега, ќе има нова можност да се докаже во Премиер лигата на Босна и Херцеговина.