Серхио Агуеро на крајот од сезоната си заминува од Манчестер сити. По точно 10 години поминати меѓу Граѓаните, аргентинскиот голгетер денеска треба да го одигра последниот меч во Премиер лигата и тоа на стадионот „Етихад“ кој една деценија беше негов дом.
Во овие 10 години поминати во Сити, Агуеро се радуваше на пет титули во Премиер лигата, еден ФА Куп, шест Лига купови, а ќе биде запаметен како најдобар стрелец во историјата на клубот. Во 388 натпревари даде дури 258 погодоци, а имаше и 73 асистенции. Агуеро ќе има шанса буквално во последниот меч за Сити, на 29 мај да се радува и на трофејот во Лигата на шампиони. Граѓаните во Порто ќе играат против Челзи.
Од Сити подготвија свечено заминување на играчот кој стана легенда во клубот. Беше објавена фотографија со сите трофеи кои Агуеро ги освои со Сити, а во делот од Манчестер кој „припаѓа“ на фановите на Сити, е направен огромен мурал во чест на Аргентинецот. На муралот е обележан моментот како Агуеро слави по епскиот погодок даден против КПР во 94 минута, погодок со кој Сити ја освои титулата во Премиер лига, прва по пауза од 44 години.
Gracias @ManCity ! pic.twitter.com/aU9KSkQDUV
— Sergio Kun Aguero (@aguerosergiokun) May 22, 2021
Од Сити најавија дека се подготвува и поставување на споменик во чест на Агуеро, фудбалерот кој од следната сезона ќе го носи дресот на Барселона. Агуеро во Барселона треба да биде тандем со соиграчот од аргентинската репрезентација, Лионел Меси.
Пред да дојде во Сити, Агуеро играше во Примера дивисион во Шпанија и тоа во дресот на Атлетико Мадрид. За Јорганџиите во 230 натпревари даде 100 погодоци.