Серхио Агуеро го постигна долго посакуваниот 254-ти гол за Манчестер сити, со него го одведе тимот во четвртфиналето на ФА купот и го престигна Вејн Руни како најдобар стрелец во градот Манчестер.
Агуеро има најмногу голови како играч на еден од двата гиганти од ист град, а зад него сега остана Вејн Руни со 253 гола за Манчестер јунајтед.
Аргентинецот има неколку рекорди во колекцијата, а следна цел ќе му биде да го престигне легендарниот Денис Лоу, кој е прв стрелец и икона на градот Манчестер со 274 погодоци. Од нив 237 ги постигна за Црвените ѓаволи и 37 за Сити, па неговиот голгетерски ефект сè уште е најдобар во Манчестер кога се работи за играчи што настапувале за двата клуба.
Вечерва и Лестер се пласираше во четвртфиналето на ФА купот со победа од 1:0 против Бирмингам, а Тотенхем и Норвич ќе играат продолженија, по ремито 1:1 во регуларниот дел од мечот.