На Серхио Агуеро одлично му започна 2020 година. Во првиот месец од годината аргентинскиот голгетер блескаше и даде шест гола, а имаше и една асистенција. Со таков биланс Агуеро успеа да стигне до 180 погодоци во Премиер лигата и стана најдобар стрелец странец во исторјата на англиското првенство надминувајќи го легендарниот Тјери Анри.
Со таква игра, Агуеро без дилема ја заслужи наградата за најдобар играч во Премиер лигата за јануари. Ова е седми пат во кариерата Агуеро да биде прогласен за играч на месецот, со што стана апсолутен рекордер по бројот на вакви награди. Зад Агуеро останаа Стивен Џерард и Хари Кејн со шест награди за играч на месецот, а по пет пати прогласувани за најдобри во месецот биле Робин ван Перси и Вејн Руни.
Првпат голгетерот беше прогласен за најдобар во октомври 2013, а потоа признанија добиваше и во ноември 2014, јануари 2016, април 2016, јануари 2018 и февруари 2019 година. Минатиот месец Манчестер сити со Агуеро во составот успеа да се пласира во финалето на Лига купот откако во интересен двомеч успеа да го елиминира градскиот ривал Јунајтед.