Во изминативе години, кога ќе се спомнеше името на Ајакс, тоа беше асоцијација на еден поранешен европски гигант кој ја има загубено силата од минатото. Сепак дека не е така, потврдува сегашната генерација на холандскиот тим. Ајакс на неверојатен начин стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите и е во трка за петта титула европски првак во клупската историја.
Пласманот меѓу најдобрите четири екипи го заслужија со одличните игри и елиминацијата на најтрофејните клубови во Шпанија и Италија, Реал Мадрид и Јувентус. Многу европски гиганти сега сакаат да купат дел од талентите кои ги создаде и ги промовираше Ајакс оваа сезона.
Френки де Јонг веќе е продаден, и тоа во Барселона за сума од 75 милиони евра, а парите кои Ајакс може да ги добие од распродажба на играчите може да достигне и до 300 милиони евра. Освен Де Јонг, на пат кон Барселона е и Матајс де Лихт. Тој е пред трансфер на „Камп Ноу“, и тоа вреден 60 милиони евра. Каталонците го пикираа и голманот Андре Онанда.
Од Ајакс сакаат да шопингуваат и англиските екипи. За десниот бек Мазраури се интересираат Манчестер јунајтед и Ливерпул, додека Талјафико е на радарот на Арсенал. Бразилецот Давид Нерес воодушеви многумина. За него веќе беа одбиени 43 милиони евра во јануарскиот преоден рок од еден тим во Кина. Сега, неговата вредност сигурно е над 50 милиони евра.
Од тимот може да си оди и Душан Тадиќ. Србинот дојде пред почетокот на сезоната од тимот на Саутхемптон, но веќе летоска може да си оди, и тоа за сума од 30 милиони евра, што е трипати повеќе отколку што пред неполни 12 месеци плати Ајакс. Во текот на летниот преоден рок од Ајакс може да пазарат и Реал Мадрид и Баерн Минхен.
Едноставно, овој одличен тим на Ајакс речиси сигурно во следната сезона нема да постои, но барем клупската каса убаво ќе се наполни.