Некогашниот четирикратен европски првак Ајакс потсетува на славните денови. Гигантот од Амстердам е во полуфиналето од Лигата на шампионите, и тоа откако во Торино го елиминира италијанскиот првак Јувентус. Неверојатен подвиг направи Ајакс откако успеа да победи со 2-1, иако имаше негатива од 0-1. Првиот меч во Амстердам заврши 1-1, што значи дека Холанѓаните одат понатаму со вкупни 3-2.
Јувентус го доведе Кристијано Роналдо за да освои титула во Лигата на шампионите, но Португалецот не може сè сам. Португалецот даде гол за водство на Јувентус од 1-0, но потоа „старата дама“ како да застана. Играчите на Ајакс не само што не се уплашија, туку покажаа дека знаат како да се возвратат.
Само шест минути по погодокот на Роналдо, Ајакс израмни благодарение на Ван де Бек и најави дека гостите не се уплашени. Во продолжение на дуелот, гостите беа подобри. Создаваа повеќе шанси, ја контролираа играта, а на крајот тоа им се исплатеше.
Во 67-мата минута, по еден изведен корнер, Матајс де Лихт со глава успеа да погоди покрај двајца домашни играчи кои го чуваа него и донесе предност од 2-1 за Ајакс. Овој гол на крајот се покажа и како доволен за Ајакс да се радува. Ајакс за првпат во петиот обид го елиминираше Јувентус во двомеч од нокаут-фазата во европско натпреварување.
Овој тим на Ајакс, според многумина, потсетува на оној од шампионската 1995 година. За силата на Ајакс потврдува и фактот дека во осминафиналето го елиминираа Реал Мадрид, и тоа благодарение на победата на „Сантијаго Бернабеу“ со убедливи 4-1.
Едноставно, младоста на Ајакс ги здроби и Реал Мадрид и Јувентус.