Со победата на гости кај Ерменија, македонската фудбалска репрезентација е на посакуваното второ место во групата Ј од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар следната година.
По девет одиграни меча, Македонија има 15 бодови и е веднаш зад лидерот Германија, а пред Романија, која има 13 бодови, но од осум средби и од Ерменија, која остана на 12 бодови од девет меча.
Македонија во последното коло на свој терен игра против Исланд, репрезентацијата за која вечерва треба да навиваме. Рибарите вечерва од 20:45 часот гостуваат во Букурешт против Романија и за нас најдобро ќе биде домаќините да не победат.
Доколку Исланд успее да освои барем еден бод на ова гостување, Романија ќе остане зад Македонија и во последното коло нашата репрезентација ќе биде таа која сама ќе решава дали ќе обезбеди место во баражот за пласман на планетарниот собир.
Доколку Романија победи против Исланд, тие ќе се вратат на второто место во групата со 16 бодови и во последното коло ќе имаат лесна задача против фенерџијата Лихтенштајн.
Затоа вечерва навиваме и за Исланд.