Анте Ребиќ ќе игра за Милан во следните две години како позајмен играч од Ајнтрахт, а во размена на играчи, Бундеслигашот го доби Андре Силва од „росонерите“.
Двата клуба информираа на своите клупски страници дека сите формалности се завршени, а вечерва се очекува само потписи на договорите.
Ребиќ лани беше трет стрелец на Ајнтрахт со 9 гола во Бундеслигата, а интересно е што клубот од Франкфурт покрај него, ги продаде и двајцата топ-голгетери, Јовиќ во Реал Мадрид и Халер во Вест хем, тандем што им донесе заработка од 100 милиони евра.
Силва не се снајде најдобро во Милан и лани играше како позајмен фудбалер за Севилја. Имаше солидна сезона со 27 настапи и 9 гола за клубот од Андалузија, кој сепак не ја активираше отштетната клаузула за да го задржи во своите редови португалскиот напаѓач, па сега следуваше преселба во Бундеслигата.