Пред 20-25 години Ален Ајверсон беше еден од симболите во НБА-лигата. Тоа беше кошаркар кој имаше неверојатен талент, брзина со која ретко кој можеше да се пофали и едноставно беше еден од најдобрите во најсилната лига во светот.
Беше прва ѕвезда во Филаделфија 76, кога во 2001 година го предводеше тимот до големото финале во кое играше против Лос Анџелес лејкерс предводен од Шекил О’Нил и Коби Брајант.
Но, колку и да беше добар на теренот, Ајверсон надвор од теренот беше незадржлив кога се работеше за трошење на парите. Пред две и пол децении, платите во НБА не беа толку големи како сега, но Ајверсон беше еден од најплатените. Во 14 години НБА-кариера, бекот заработи 154,5 милиони долари, играјќи за Филаделфија, Денвер, Детроит и Менфис.
Кога на овие пари ќе се додадат и бројните богати спонзорски договори, јасно беше дека Ајверосн има заработено пари за комотен живот. Сепак, реалноста е многу сурова за Ајверсон. Многу често живееше раскошно и тоа не само тој, туку и сите негови пријатели и членови од семејството. Тоа значеше дека брзо ќе дојде до банкрот.
Во 2012 година, само неколку години по завршување на кариерата, Ајверсон прогласи банкрот, а за време на рочиштето за развод се пожали дека нема пари ни чизбургер да си купи. Тогаш сопругата која се разведуваше од Ајверсон му даде 61 долар да си купи сендвич.
Растејќи во тешка средина во Хемптон, Вирџинија, Ајверсон уште од мал знаеше само за борба. Кога беше избран како прв избор на НБА-драфтот во 1996 година, му беше даден тригодишен договор од 8,9 милиони долари и од тој момент неговиот живот целосно се промени.
Купуваше вили, автомобили, накит, трошеше пари за издршка на своето семејство и пријатели, а според неговиот биограф, Лари Плат, во автобиографијата на Ајверсон во еден момент издржуваше дури 35 семејства.
„Растејќи, тој склучи договор со своите пријатели, тие ќе станат рапери, тој ќе стане кошаркар. Кој и да успееше, другите го следеа“, рече Плат.
Ајверсон подоцна призна колку му било тешко да се справи со овој притисок.
„Сите те влечеа, те прашуваа, те боцкаа. Беше тешко. Не знаеш како да се справиш со пари затоа што никогаш порано не си ги имал, тоа е најтешкиот дел.“
Приказната на Ален Ајверсон денес често се користи како предупредување до младите спортисти дека славата и парите не траат вечно и дека финансиската писменост и одговорното инвестирање значат исто колку и талентот на теренот.
Иако многу НБА-играчи денес заработуваат до 60 милиони долари годишно, еден ден чековите престануваат да доаѓаат и остануваат само оние кои знаеле како мудро да штедат и да инвестираат она што го заработиле.
Ајверсон конечно пронашол мир благодарение на договорот со Рибок од неговата младост, но дури во 2030 година добил 32 милиони долари од фондот што му бил основан во тоа време. Дотогаш неговата приказна останува една од најпознатите лекции за славата, парите и падовите што доаѓаат по врвот.

