Академија Пандев е апсолутен фаворит против прилепска Победа денеска на „Младост“ во Струмица, во првиот полуфинален дуел од двомечот во македонскиот фудбалски куп.
Струмичани ќе атакуваат на првото финале во ова натпреварување, додека прилепчани се надеваат на подвиг и четврти настап во мечот за пехарот.
Ова им е и прва пресметка во македонскиот фудбалски куп, а влогот е голем и може да значи и настап во еврокуповите, нешто со што можат да се пофалат и двете екипи во минатото.
Во меѓусебните дуели, поуспешна е екипата од Струмица со биланс од 3 победи, две нерешени и еден пораз против Победа.
Првиот меч ќе се игра денеска од 14 часот, а реваншот е закажан за 10-ти април, кога домаќин ќе биде Победа.
Во второто полуфинале на првиот дуел Македонија Ѓорче Петров ја победи Беласица во Струмица со 1-0 и има голема предност за реваншот што ќе се игра исто така на десетти април.