Мануел Аканџи го напушти Манчестер сити во самиот финиш на преодниот рок, по што индиректно го обвини и Пеп Гвардиола за состојбата на „Етихад“.
Каталонецот веќе подолго време е на удар, и поради тоа што тимот игра слабо, и поради тоа што лута со изборот на играчи и создава голема конкуренција на сите позиции.
Токму поради тоа натрупување на играчи, во последните денови од преодниот рок мораше да замине и Аканџи, исто како и Џек Грилиш, Џејмс Мекати, Витор Реис, Клаудио Ечевери.
„Беше многу јасен со сите нас, од шестмина централни дефанзивци, двајца можат да играат, двајца да бидат на клупа. За останатите беше многу тешко, бидејќи не е убаво да слушнеш дека за тебе нема место ни на клупата. Јас секогаш очекувам да играм и да бидам на теренот“, изјави Аканџи, а на прашањето зошто Пеп дошол во таква ситуација, одговори:
„Тоа мора да го прашате него“.
Аканџи пристигна летото 2022 година од Борусија Дортмунд за симболична сума и се покажа како одличен потег. Сепак, по стандардната улога, беше тргнат во втор план.
„Тешко ми е да сфатам дека во овој момент одеднаш повеќе не сум дел од семејството на Сити, иако чувствував дека таму припаѓам. На крај сè се случи многу брзо, никого од соиграчите не ни видов во понеделникот кога заминував, бидејќи немавме тренинг. Моето семејство и јас се чувствувавме пријатно во Манчестер и дефинитивно ќе ни недостига“, изјави Швајцарецот.
Тој има договор со Манчестер сити до летото 2027 година, но Интер има право да го откупи за 15.000.000 евра наредното лето.
„Среќен сум како на крај се заврши, Интер многу ми се допаѓа. Но, факт е дека сум на позајмица и дека сè уште можам да се вратам во Сити“, заклучи Аканџи.