Веќе 15-тина дена трае акцијата за купување на сезонска членска карта на ФК Вардар. Само 1.000 денари вреди сезонската членска карта со која секој фан на Вардар му помага на најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија.
Навивачката група „Комитите“ кои се главни иницијатори на оваа акција постојано потенцираат дека е потребно голем број на фирми да помогнат на клубот кој е симбол на македонскиот фудбал, на македонскиот спорт.
Од денеска, членските сезонски карти се продаваат и на летниот базен „Оасис“ во Драчево, а од таму има најава дека секој оној кој ќе купи сезонски билет, ќе добие бесплатен влез на базенот и можност да се освежи во овие топли денови.
Фудбалерите на Вардар веќе неколку дена се на подготовки на Златибор, каде вчера го одиграа и првиот пријателски меч против Металец, кој заврши 1:1. Следниот пријателски дуел Вардар ќе го игра на 20 јули против Бокељ од Котор.