Со цело срце за Челзи да стане првак на Европа ќе навива и Фикајо Томори, кој сега игра за Милан. Томори сезонава ја започна како играч на Челзи и во есенскиот дел од Лигата на шампиони беше во записникот на сите шест меча на лондонскиот тим од групната фаза.
Тогашниот тренер на Челзи, Франк Лампард, имаше доверба во Томори и 23-годишниот играч беше во составот, иако ниеднаш не доби шанса да се најде на теренот во дуелите против Краснодар, Рен и Севилја. Во зимскиот преоден рок Томори беше даден на позајмица во Милан и во дресот на Росонерите за неколку месеци веќе има 13 настапи во Серија А и четири во Лигата на Европа.
Благодарение на тоа што беше дел од Челзи во првиот дел од сезоната во ЛШ, Томори може да се најде меѓу фудбалерите на кои ќе им следува медал по завршување на финалето. Последен пат играч кој не бил дел од европскиот првак, а добил златен медал е Денис Черишев, кој во зимскиот преоден рок си замина од Реал Мадрид во Валенсија, но благодарение на тоа што Кралевите станаа европски прваци, медал имаше и за рускиот интернационалец.