Ако ЕХФ сепак донесе непопуларна одлука, треба ли Алкалоид да прифати нов меч?

Службена победа за Алкалоид и доделување на победничкиот пехар се одлуките кои ги очекува македонската јавност од страна на Европската ракометна федерација во врска со неодиграниот реванш-меч од финалето на Европскиот куп против грчки АЕК.

ЕХФ веројатно утре или најдоцна задутре треба да реши што и како, а во игра се неколку опции.

Најлогично е на Алкалоид да му биде доделена титулата, тимот на терен го заслужи тоа. Сè друго би било неправда и доказ дека ЕХФ има двојни аршини.

Но, постојат и оправдани стравувања дека може да се случи нешто непосакувано и ЕХФ да одлучи мечот сепак да се игра, но некаде на неутрален терен и евентуално без публика. Вината што средбата не се одигра мечот е само кај АЕК, но тоа што не беше донесена одлука за службена победа уште синоќа, туку ЕХФ објави дека мечот не се одиграл поради „безбедносни причини“, носи сомнежи дека се мати нешто.

Судиите по получасовното чекање АЕК да се појави на терен не отсвиреа крај на мечот и тоа е адут плус за грчкиот тим. Мечот е откажан, публиката разочарана си замина дома. Ако тоа беше целта на АЕК, па макар и да го загубат финалето со службен резултат, ја остварија.

Многу љубители на ракометот во Македонија сметаат дека тимот на Алкалоид не треба да се појави на терен ако ЕХФ случајно закаже нов термин за реваншот. Но, тоа е она што го посакуваат Грците. Има и такви кои мислат дека во таков случај ќе треба да се голтне горката пилула и сепак да се игра и да се докаже на терен дека Алкалоид е подобар и трофејот да заврши во вистински раце.

- Оглас -

Најнови вести