Ако го елиминира Баерн, традицијата вели дека ПСЖ ќе биде европски првак

Пари Сен Жермен има прилика за првпат да стане европски шампион, но за да докаже дека е подготвен за тоа, ќе мора вечерва да го елиминира актуелниот првак Баерн Минхен.

Традицијата покажува дека дури во осум од последните девет сезони во Лигата на шампионите титулата одела или кај Баерн или кај тим кој го елиминирал Баерн. ПСЖ го совлада Баерн со 3-2 во Минхен, но за Светците останаа уште 90 пеколни минути, и тоа на нивниот „Парк на принцовите“. Упорните Германци се оптимисти дека може да го елиминираат францускиот првак и ќе нападнат со сите сили.

Во минатата сезона, Баерн стана освојувач на ЛШ со победа над ПСЖ во финалето. Пред тоа, во 2018/19, Баерн испадна од Ливерпул, кој таа сезона го крена пехарот, во 2017/18 и 2016/17 Баерн беше елиминиран од европскиот првак Реал Мадрид. Во 2015/16 Баерн испадна од Атлетико Мадрид, но Јорганџиите не станаа прваци и таа сезона е исклучок кога тим кој го победил Баерн не се закитил со европска титула.

Пред тоа, Баерн испаѓаше од Барса, во 2014 од Реал, а во 2013 година Баварците ја освоија европската титула. Оваа традиција патот до титула да води преку Баерн почна во 2012 година, кога Баварците загубија во финалето на ЛШ од Челзи.

- Оглас -

Најнови вести