Правни експерти велат дека има неколку сценарија после сослушувањето на тенисерот Новак Ѓоковиќ пред федералниот суд во Мелбурн, но што и да се случи, првиот светски рекет веројатно уште некое време ќе биде затворен во миграциски хотел.
Најдоцна утре рано наутро треба да се донесе одлука за ситуацијата на најдобриот тенисер на светот, но проблемот е што во правото, ретко има чиста победа на едната или другата страна како во тенисот, бидејќи поразената страна има право на жалба на судска одлука.
Ако судијата Ентони Кели одлучи дека Србинот е во право, и ја поништи забраната за виза на Ѓоковиќ за влез во Австралија, тоа би било силен удар за владата во таа земја, и сигурно е дека Австралија ќе поднесе жалба. Ако се случи тоа, Новак повторно ќе мора да оди во миграцискиот хотел, додека случајот повторно се разгледува.
Отвореното првенство на Австралија во тенис почнува за една недела, и на сите им се брза, за да знаат на што се.
Ако случајот го добие австралиската Влада, може да се случи Ѓоковиќ да биде протеран од Австралија со првиот авион, па тогаш тенисерот има право на жалба и би барале некоја дупка во законот за да се најде начин како тој да остане во Австралија и да игра на грен-слемот на кој е рекордер по бројот на освоени трофеи. Но, проблемот за него е што и тогап, Новак не би можел слободно да се шета и да се подготвува додека случајот не добие конечен епилог.