Ако играчите не добијат минутажа во клубовите, овие проблеми во репрезентацијата ќе останат

Македонската ракометна репрезентација го одигра најслабото Европско првенство во последните 20 години, па затоа уште по првата фаза, нашата експедиција си заминува дома. Селекторот Данило Брестовац не го криеше разочарувањето, па го вклучи „црвениот аларм“, дека нешто не штима во селекцијата.

„Мора да се направи драстична промена за да видиме каде одиме. Треба да расчистиме, кој сака да игра за репрезентација, а кој не. Дел од нашите играчи не играат во своите екипи, а кај противниците играчите им се лидери во екипите каде што играат. Ако не добијат минутажа во клубовите, овие проблеми ќе останат. Мора играчите да се изборат за повеќе да играат, да добијат искуство во клубовите, за да може да бидат стабилни во репрезентацијата“, анализираше селекторот.

Брестовац вели дека мора да се создаде вистинската хемија во екипата, па доколку некој не сака да игра за националниот дрес, тоа треба јавно и чесно да го каже.

„Треба да бидеме на чисто, кој сака, а кој не сака да игра за репрезентацијата. Точно ќе се направи проценка и анализа, па дури и да се жртвува едно големо натпреварување, но ние мора да направиме една драстична промена и да знаеме каде одиме“, заврши Брестовац, кој вели дека дури некогаш е подобро да се жртвува настап на едно големо натпреварување, за да може да се создаде нова добра генерација.

 

- Оглас -

Најнови вести