Марио Манџукиќ одигра многу добри мечеви и постигна значајни голови за Јувентус. Сепак, сезонава тој стана вишок во тимот на Старата дама. Хрватот беше избришан од настапите за групната фаза во Лигата на шампионите, што доволно зборува дека не е во прв план.
Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, му порача на Манџукиќ да си бара нов клуб, а сите претпоставки беа дека следна дестинација ќе му биде Манчестер јунајтед. На Црвените ѓаволи им е потребен напаѓач, но засега нема ништо конкретно околу доведувањето на Хрватот.
Италијанските медиуми денеска пренесуваат дека е можен пресврт и дека Манџукиќ може воопшто да не ја напушти Италија. По „хрватска врска“, на Марио му се јавил Звонимир Бобан, кој сега ја има улогата на еден од главните фактори во Милан.
На Росонерите сигурно ќе им биде од голема корист еден играч како што е Манџукиќ, кој уште има активен договор со Јувентус до 2021 година. Иако веќе има 33 години, голгетерот е во одлична форма, па сигурно би бил одлично засилување за тимот од „Сан Сиро“.