Ако не ја освои титулата, Артета нема да остане на клупата на Арсенал?

По поразот на домашен терен од Борнмут, иднината на Микел Артета на клупата на Арсенал е доведена во сериозна неизвесност.

По загубеното финале на Карабао купот и елиминацијата од второлигаш во ФА купот, Артета остана само во трка за титулата во Премиер лигата и за трофејот во Лигата на шампионите.

Новиот кикс на Топчиите на домашен терен дополнително ја искомпликува ситуацијата, и тоа непосредно пред гостувањето на Арсенал на „Етихад“ кај Манчестер сити во недела.

Арсенал пред натпреварот со Борнмут имаше девет бодови предност, но и одиграно еден натпревар повеќе. Сепак, следуваше пораз на „Емирати“, а Манчестер сити со убедливи 0-3 славеше на гости кај Челзи.

Доколку Сити во недела го победи Арсенал, би се доближил на само три бода негатива, но и понатаму би имал натпревар помалку и можност бодовно да се израмни со лидерот.

Англиските медиуми одат дотаму што тврдат дека веќе постои подготвена замена за Артета доколку дојде до ваков расплет, а според шпанскиот „Мундо Депортиво“, управата на Арсенал го има избрано Сеск Фабрегас како идеален наследник.

Се наведува дека доколку Артета не успее да ја освои Премиер лигата или Лигата на шампионите, тој најверојатно нема да остане на клупата и следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести