Ако не се доигра Лигата на шампионите, Атлетико Мадрид е првак на Европа

Првиот човек на Атлетико Мадрид, Енрике Серезо, верува дека неговиот тим треба да биде прогласен за првак на Европа доколку не се продолжат натпреварите во Лигата на шампионите.

„Останаа да се доиграат уште неколку меча од осминафиналето, а потоа следуваат четвртфиналето, полуфиналето и финалето. Се зборува дека завршницата ќе биде преселена во еден град, каде што ќе се доиграат сите мечеви. Засега нема ништо официјално и тоа се само шпекулации. Доколку не се доиграат дуелите од Лигата на шампионите, мислам дека ние треба да сме шампиони затоа што Атлетико Мадрид го исфрли Ливерпул“, објаснува Серезо.

Ливерпул, кој уште е актуелен континентален владетел, беше елиминиран во осминафиналето од Атлетико Мадрид, и тоа по голема борба и продолжувања од 30 минути во реваншот. Атлетико победи со 1:0 на мечот во Мадрид, а Ливерпул по 90 минути имаше иста позитива од 1:0, па се играа продолжувања. Ливерпул поведе со 2:0, но до завршувањето на 120-тата минута, Атлетико даде три гола и направи целосен пресврт.

Според најавите, УЕФА планира завршницата на Лигата на шампионите да биде во Лисабон.

 

- Оглас -

Најнови вести