Ако немаш авторитет, не можеш да очекуваш добри резултати

Вардар по три години владеење, му го отстапи тронот во СЕХА-лигата на Веспрем. Обновениот состав на македонската гордост немаше сили да се надигрува со поранешните вардарци Македа, Шишкарев, Борозан, Манасков и Мораеш предводени од ученикот на Раул Гонзалес, Давид Дејвис.

Поразот беше болен според резултатот 35:27, но повеќе загрижува недостатокот на авторитет кај тренерот Стевче Алушовски. Иван Чупиќ го намириса тој недостаток и му замери на македонскиот стратег, па при еден тајмаут му се развика што Алушовски ги молеше ракометарите да играат подобро, наместо да ја искористи функцијата тренер и да покаже дека тој е главен.

Кога се нема авторитет, резултатите не може да бидат добри. А, недостатокот на таа карактеристика секогаш пишува едно исто сценарио – отказ. Веројатно тоа нема да се случи веднаш, но ако Вардар продолжи вака да игра, сценариото е неизбежно.

ЗА АВТОРИТЕТ НЕКА СЕ ОБРАТАТ КАЈ МРМЕ

Веќе пет години Игор Ангеловски покажува дека неговиот авторитет во фудбалската репрезентација од ден за ден фукционира сѐ повеќе. Се виде тоа во победата на Ерменија во првото коло од новото издание на Лигата на нациите.

Мрме кажа Алиоски да игра десно крило, па Езѓан без да пререче се нацрта на таа страна. Не смееше да се побуни Џани и кога доби наредба да се премести на левата бековска позиција, каде што обично игра во Лидс јунајтед, што покажува како работи авторитетот на Ангеловски.

Ја измеша формацијата, го остави Пандев на клупа да одмори и во секој момент од мечот во Скопје знаеше да испрати точни инструкции на теренот. Македонија без проблем го држеше резултатот во своја корист, а мала црна дамка остави подарениот пенал за гостите во финишот од средбата.

Ангеловски слободно може да држи предавања како се одржува атмосферата на високо ниво во еден тим.

ИМА ИСКЛУЧОЦИ, АВТОРИТЕТОТ НЕ „ПАЛИ“ КАЈ СУДИИТЕ

И да се викаш Новак Ѓоковиќ, реномето и авторитетот како најдобар тенисер во светот не „пали“ кај судиите. Србинот направи невидена глупост и заработи дисквалификација во осминафиналето на Отвореното првенство на САД.

Моментот на непретпазливост го чинеше Ѓоковиќ евентуална 18-та грендслем-титула, со која ќе им се доближеше на водечките Рафаел Надал (19) и Роџер Федерар (20) на вечната листа.

Според правилата на американскиот грендслем, се казнува и ваквото ненамерно удирање со топче кон службено лице, па сега Србинот останува без бодовите кои ги собра до пред дисквалификацијата, а и без наградниот фонд.

- Оглас -

Најнови вести