Хуманитарната акција на Sport Life продолжува со Бојан Влаќевски, еден од ретките Македонци со два медали од светски првенства, и тоа во екипен спорт. Кугларот кој во моментов настапува во австриски Нојнкирхен има обложувачко искуство од минатото и ги следи случувањата во фудбалот.
НАЈДОБАР ИГРАЧ Е ВО НЕГОВИОТ ТИМ
„Тука, во Австрија долго трае локдаунот, за некој ден веќе треба да бидат олабавени мерките, па по Нова година планирам да се вратам дома во Македонија. Австриската лига си тече нормално, клубот каде што сум веќе една година и четири месеци е амбициозен, но имавме лоша среќа што ни се повреди важен играч, па сезонава послабо тргнавме. Не се пласиравме во Лигата на шампионите, но верувам дека во следната сезона ќе биде многу подобро. Имам договор на уште две-три години, задоволен сум од условите“, вели Влаќевски, кој според просекот на соборени кегли, е најдобар поединец во Нојнкирхен, а од неодамна клупски колега му е Димитар Димитровски, со кого беа заедно и додека играа во македонската лига, во клубовите Вардар 2014 и Макпетрол.
„Ние сме на 60 километри јужно од Виена. Добро е што Диме е тука, инаку не сум сретнал Македонци во Нојнкирхен. Има Турци, Хрвати, има сешто, во цела Австрија живеат луѓе од над 130 различни нации“, објаснува Влаќевски.
ФИНАЛЕ НА СП СО МАКЕДОНИЈА МУ Е НАЈГОЛЕМ УСПЕХ
Во 2013 година, македонската репрезентација, во чиј состав беше и Бојан, приреди сензација на Светското првенство во Унгарија и стигна до финалето.
Неколку години подоцна, Влаќевски направи трансфер во Хрватска, играше една и пол сезона за Медвешчак и две сезони за Запрешиќ, па ја прифати понудата да земе хрватски пасош и сега игра за хрватската репрезентација. Како натурализиран Хрват, пред неколку месеци Влаќевски освои бронза на СП.
Инаку, тој кариерата ја почна во Тутунски комбинат Скопје, од каде што премина во Окта, а на домашна сцена настапуваше и за Макпетрол и Вардар 2014.
Куглањето е еден од ретките екипни спортови во кои Македонија има освоено медал, но овој спорт не е олимписки и веројатно уште долго нема да биде бидејќи еден од условите е да се игра на пет континенти, што во моментов не е случај и ќе биде потребно некакво спојување со боулингот, кој најмногу се игра во САД. Боулингот и класичното куглање кое се игра во Европа се доста различни.
НАВИВА ЗА ЛИВЕРПУЛ, СЕКОГАШ ГИ СТАВА И „ЦРВЕНИТЕ“ НА ТИКЕТ
„Порано повнимателно ги следев фудбалските случувања, сега мора да признам малку послабо. Се имам обложувано порано, па и додека бев во Хрватска знаев да уплатам некој тикет. Тука во Австрија нема такво нешто, друг ред на живот се води тука, нема многу дружење, излегување на кафе, тука е работа и само работа. Ливерпул ми е омилен тим и кога губел и кога победувал, навивачки го ставав на тикетите, секогаш прогнозирав дека ќе победи. Така ќе биде и сега“, заклучува Влаќевски.