Седум членови на Реал Мадрид ќе го напуштат клубот ова лето доколку сезоната заврши како целосен дебакл, односно ако Реал не стане шпански или европски шампион, открива порталот „Le10sport“, кој ги сумира информациите од повеќе извори. Во Ла Лига тимот заостанува четири бода зад првопласираната Барселона, а во Лигата на шампионите на првиот четвртфинален натпревар загуби со 3-0 на гостувањето кај Арсенал.
Шпанските медиуми почнаа да ја анализираат ситуацијата, а некои тврдат дека се подготвува голема чистка. Седум имиња би можеле да го напуштат клубот. Станува збор за тренерот Карло Анчелоти, Лукас Васкес, Лука Модриќ, Давид Алаба, Едуардо Камавинга, Арда Гулер и Аурелиен Чуамени.
Јасно е дека Реал Мадрид ќе направи сериозни промени во тимот доколку резултатите бидат разочарувачки, но тешко е да се очекува дека сите наведени играчи ќе заминат. Некои од нив сè уште имаат долгорочни договори, а во последните изјави истакнаа дека сакаат да останат во клубот.
Во последните неколку години имаше такви примери, како Мариано Дијас и Хезус Ваљехо, кои и покрај тоа што не беа во плановите на тренерот, продолжија да тренираат и да работат со остатокот од тимот без проблеми.
Прашање е дали и капитенот Лука Модриќ ќе добие нов договор. Оваа сезона 39-годишниот Хрват одигра вкупно 49 натпревари за Реал Мадрид во сите натпреварувања, постигна четири гола и запиша седум асистенции, со вкупно 2.357 минути поминати на теренот. Договорот со Реал му истекува на крајот од јуни, а Реал во јуни и јули ќе учествува на Светското клупско првенство на ФИФА.