Наполи има проблем да задржи двајца клучни играчи во своите редови по крајот на оваа сезона. На капитенот Хосе Калјехон, како и на офанзивецот Дрис Мертенс им истекуваат договорите во јуни 2020 година, а и двајцата размислуваат налето да се преселат на далечниот Исток, поточно во кинеската лига.
Интерес постои и за Шпанецот и за Белгиецот, им нудат енормни плати, но претседателот Де Лаурентис ги предупреди и двајцата дека во очите на навивачите тие ќе бидат предавници кои трчаат по пари.
„Апсолутно нема да се трудам да ги задржам по секоја цена. Секој играч има своја цена во зависност од тоа како игра и колку придонесува за тимот. Ако толку сакаат, слободно може да си одат во Кина, да почувствуваат дека животот ќе им биде ср*ње во тие две-три години, иако ќе бидат преплатени во професијата. Во животот мора да одберете дали сакате среќен живот и работа која ќе ве исполнува или пари, а ако парите им се приоритет, тогаш и двајцата се слободни“, истакна Де Лаурентис за италијанските медиуми.
Мертенс и Калјехон се членови на Наполи од 2013 година, двајцата комбинирано постигнаа 193 погодоци и засега се незаменливи на своите позиции.