37.8 C
Skopje
сабота, 26 јули 2025

Ако се гледа по стартниот меч – ќе завршиме први во групата

Македонската ракометна репрезентација само втор пат во својата историја стартуваше со победа на едно Европско првенство. Дуелот против Украина многу наликуваше на тој против Словенија од пред две години во Хрватска. И тогаш и сега неизвесноста беше до последната секунда, а на крајот Македонија се радуваше.

Малку фалеше дури и резултатот да биде ист. Во Загреб ги победивме Словенците со 25:24, а синоќа ја победивме Украина со 26:25. Во двата меча, завршницата беше речиси иста. Кирил Лазаров беше спасителот на Македонија.

Пред две години, Македонија губеше со 24:23, а Лазаров со два гола во завршницата направи Македонија да си замине победнички. И синоќа Лазаров беше во вистински елемент. Со погодок во последната секунда донесе радост на неколку илјади македонски навивачи во салата „Штадхале“ во Виена.

По втор пат стартуваме со победа на ЕП и втор пат тоа е триумф од еден гол и втор пат Лазаров го даде последниот гол. Ако продолжи истиот ритам од пред две години во Загреб, тогаш може да очекуваме уште радости на Македонија во групната фаза.

Во Загреб имавме две победи и едно реми и завршивме како првопласирани во групата, пред Германија, Словенија и Црна Гора. Сега во Виена ни следуваат уште два меча од групата и тоа против Чешка и домаќинот Австрија. Ништо не е невозможно, па зошто и повторно да не бидеме првопласирани во групата.

 

- Оглас -

Најнови вести