Поплавите во Валенсија и околината кои однесоа речиси 100 човечки животи се причина поради која се бара одложување на мечевите Валенсија – Реал Мадрид, Вилјареал – Рајо Валјекано и три дуели од шпанската втора лига.
Доколку средбите бидат одложени, тоа ќе направи голем проблем, особено за Валенсија и Реал бидејќи Кралскиот клуб нема многу слободни термини.
Календарот вели дека слободни термини можеа да бидат помеѓу 17 и 19 декември, кога се играат само натпревари од Конференциската лига на УЕФА, но и тоа отпаѓа, бидејќи Реал на 18 декември во Катар игра финале на Интерконтиненталниот куп.
Следна опција е во работните денови помеѓу 11 и 13 или 18 до 20 февруари 2025 година, но само доколку Реал Мадрид не се натпреварува во плејофот за влез во осминафиналето на Лигата на шампионите. Ако Реал биде меѓу првите осум на табелата во ЛШ, тогаш може со Валенсија да игра во февруари, но ако биде од деветто до 24-то место, каде што е и во моментов, гостувањето на „Месталја“ би се поместило за викендот на 26-27 април, и тоа доколку ниту еден од овие два клуба не игра финале во Купот на Шпанија.
Ако Лилјаците или Кралевите играат финале на Копа дел Реј, нивниот одложен меч ќе мора да се одложи дополнително, помеѓу 20 и 22 мај, кога сезоната ќе биде веќе при пред завршување.