Ако сега завршат квалификациите, од четирите можни ривали на Македонија во баражот, победи имаме против три

Македонската фудбалска репрезентација како лидер на табелата во квалификациите за Светско првенство го чека летото. По четири одиграни меча, Македонија освои осум бодови, пред Велс кој има седум бодови од четири меча, додека Белгија е трета со четири бодови, но од само два одиграни дуели. Казахстан и Лихтенштајн се без шанси за пласман на СП.

Според досега одиграните дуели, направени се калкулации како би изгледале бараж групите. Македонија би била во последниот четврти барабан заедно со Романија, Северна Ирска и Молдавија.

Според калкулациите, Македонија во полуфиналето од плејофот ќе добие ривал од првиот барабан каде моментално се селекциите на Италија, Украина, Турција и Шведска. Селекцијата која е од првиот барабан полуфиналниот дуел ќе го игра на домашен терен, што значи дека Македонија сигурно ќе гостува.

Од моментално овие четири селекции кои се во првиот барабан, Македонија има играно со сите. Против Италија имаме најубав спомен од баражот за претходното СП кога ги победивме во Палермо со 1:0. Освен таа победа, со Италија имаме уште четири меча во кои имаме две реми и два пораз.

Против Велс сме играле три пати имаме по една победа, реми и пораз. Со Турција сме се сретнале најмногу, дури осум пати и билансот е една победа, две реми и пет порази. Единствено Шведска ја немаме победено и во три средби имаме исто толку порази.

Ова е провизорен и моментален изглед на баражите за СП, а секако до крајот на квалификациите може да има и многу промени.

Следниот меч во квалификациите за СП, Македонија ќе го игра на 7 септември во Скопје против аутсајдерот Лихтенштајн, што значи дека имаме голема шанса да останеме на првото место и по тој дуел.

- Оглас -

Најнови вести