Кај нив сè се знае – Германците ги одредија пеналџиите ако нема победник на Вембли

Германците се подготвени и за последното сценарио што може да ги одведе во четвтфинале на Европското првенство, а „Билд“ го откри и редоследот на пеналџиите при евентуален нерешен резултат по 120 минути игра на „Вембли“ против Англија.

Европскиот класик и главното дерби на осминафиналната рунда ќе се игра денеска од 18 часот во Лондон, а се очекува голема битка меѓу големите ривали.

Според „Билд“, Јоаким Лев, селекторот на Германија веќе ги одредил и пеналџиите ако дојде до ситуација рулетот од 11 метри да одлучува за седмиот четвртфиналист на ЕП.

Прв ќе шутира Тони Крос, по него и Томас Милер, па Џошуа Кимих, Леон Горецка и Кај Хаверц во стандардната серија од пет пенали. Секако, ова е условно ако нема повреди или замени на овие играчи во текот на регуларниот дел или дополнителното време.

Ако и по пет пенали нема победник, Германија би продолжила по следниот редослед: Илкај Гундоган, Марсел Халстенберг и Матијас Гинтер. Деветтиот удар од белата точка веројатно ќе го шутира некој од играчите што ќе влезат во игра, а последниот стандардно му припаѓа на голманот Мануел Нојер.

Двете селекции досега двапати биле во ситуација на пенали да одлучуваат за пласман во финале на ЕП или СП и двапати Германија беше поуспешна.

На Мундијалот во 1990 година Пирс и Водл промашија за Англија откако сите германски фудбалери погодија во претходните четири серии, па Елфот играше финале против Аргентина и ја освои светската круна со победа од 1:0.

Сегашниот селектор на Гордиот Албион беше трагичарот на Англија шест години подоцна, кога само тој утна од белата точка во шестата серија на Вембли, па повторно Германија играше финале, овојпат на ЕП и пак освои титула со триумф од 2:1 против Чешка.

 

- Оглас -

Најнови вести