Ако успее да си оди без оштета, Меси во Сити може да заработи пола милијарда евра!

Лионел Меси не се појави на вчерашната прва прозивка во Барселона и со тоа јасно потврди дека во новата сезона не сака да игра за клубот во кој ја помина целата досегашна кариера. Веќе една недела се шпекулира околу тоа каде Меси ќе ја продолжи кариерата, а како главен фаворит се издвои Манчестер сити.

Аргентинецот има одлична соработка и спомени со Пеп Гвардиола од времето во Барселона, а сега шпанскиот стратег е на кормилото на Сити. Парите кои ги имаат сопствениците на Граѓаните се дополнителен мотив за Меси да заврши во англискиот тим.

Засега, главна пречка за реализација на трансферот е договорот на Меси со Барселона. Според толкувањата на челниците на Барселона, но и на првите луѓе на Примера дивисион, Лионел уште една сезона има од договорот и доколку сака некој да го купи, ќе мора да плати неверојатни 700 милиони евра.

Меси верува дека во договорот има клаузула која е валидна и која ќе му обезбеди да си замине како слободен играч. Според последните пишувања, Сити сака да го доведе Меси и да потпише петгодошен договор, според кој годишно ќе издвојува 100 милиони евра за плати и данок за Аргентинецот. За Меси треба да останува околу 50 отсто од таа сума, што значи дека за пет години, би заработил 250 милиони евра. Шпекулациите се дека ако успее да си замине како слободен играч од Барселона, шесткратниот освојувач на Златната топка ќе добие дополнителни 250 милиони евра бонус од Сити. На тој начин, вкупната заработка на Меси за пет години во тимот од Манчестер може да достигне до неверојатни пола милијарда евра.

Засега не се знае ништо околу иднината на Меси. Можно е целиот случај да заврши и на суд, па доколу Барселона добие, може и воопшто да не сака да го продаде најдобриот играч во клупската историја.

 

- Оглас -

Најнови вести