Македонскиот шампион МЗТ Скопје ја забележа и третата победа во четвртиот меч во АБА 2 лигата, втора по ред на турнирот во Осиек.
По триумфот против Пелистер во македонското дерби, Металците денеска имаа подобри и повредни акции на кошаркарската берза од Вриједноснице Осиек и славеа со 83:73.
Популарните Брокери од Осиек имаа предност од 43:37 по првото полувреме и најавија изненадување што го спречија аеродромци со одлична игра во второто полувреме.
Во третиот период МЗТ Скопје поведе со два поени разлика, откако беше подобар во тие 10 минути со 25:17, а потоа перфектно го почнаа последниот период и со серија од 8:0 направија предност од 70:60.
Домаќините намалија на 67:74, но предводени од американскиот тандем Веар и Дејвис и од одличниот Немања Милошевиќ кои заедно постигнаа 61 поен, скопјани славеа важна победа за скок на второто место, што сега со биланс 3-1 го делат со Хелиос Домжале.