Саудискиот гигант Ал-Хилал го раскина договорот со главниот тренер Жорге Жесус.
Договорот со 70-годишниот стручњак беше раскинат неколку дена по поразот во полуфиналето на Азиската Лига на шампиони од Ал-Ахли. Во првенството на Саудиска Арабија, Ал-Хилал е на второто место со 62 бода по 29 кола, и има 6 бода помалку од лидерот Ал-Итихад.
Ова е далеку послабо од очекувањата, ако се знае дека минатата сезона беа доминантни и имаа неверојатна серија од 34 победи по ред, што влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Поранешниот помошник на Жесус, Мохамед Ал-Шалхуб, е назначен за привремен главен тренер на клубот.
Португалецот Жесус е една од опциите за предводник на бразилската репрезентација, а сега како слободен, има отворен пат, доколку се изјалови работата со првиот фаворит Карло Анчелоти кој е на чело на листата на желби на Бразилците. Кандидат е и Абел Фереира кој го води Палмеирас.