Случувањата на крајот од зимскиот преоден рок предизвикаа вистинска бура во Саудиска Арабија, а во центарот на вниманието се најде Кристијано Роналдо, кој не беше задоволен од пасивноста на својот Ал-Наср на фудбалскиот пазар.
Роналдо во понеделникот одби да излезе на терен на натпреварот против Ал-Ријад, незадоволен од третманот кој неговиот клуб го добива од Саудискиот јавен инвестициски фонд. Тој смета дека Ал-Наср не е на исто ниво со другите клубови финансирани од овој фонд, меѓу кои е и Ал-Хилал, кој во самиот крај на преодниот рок го ангажира Карим Бензема.
Португалецот е исклучително фрустиран поради неспособноста на својот Ал-Наср да донесе звучни засилувања, па веста дека нивниот ривал за титулата бесплатно го доведе неговиот поранешен соиграч од Реал Мадрид и добитник на Златната топка во 2022 година беше капка која ја прели чашата.
Лутината на Роналдо предизвика голема врева на Блискиот Исток, поради што се огласи и извршниот директор на Ал-Хилал, Естевео Касалдо, кој ја коментираше целата ситуација:
„Зошто е лут? Треба него да го прашате. Добивме уникатна можност затоа што баравме напаѓач, а Бензема е добитник на Златната топка и има извонреден талент. Понатаму, не мора да се прилагодува на нашата лига, тоа совршено функционираше за нас и веќе гледаме комерцијални придобивки“, истакна Касалдо.
Во моментов Ал-Хилал како лидер на Про-лигата има само еден бод повеќе од второпласираниот Ал-Наср.

