32.8 C
Skopje
сабота, 16 август 2025

Ал-Наср демантира: Договорот на Роналдо нема никаква врска со кандидатурата на Саудиска Арабија за организација на СП 2030

Управата на Ал-Наср демантираше дека договорот на тимот од Ријад со португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо има некаква врска со кандидатурата на Саудиска Арабија за организација на Светското првенство во 2030 година.

На стартот од зимскиот преоден рок, Роналдо го потпиша најскапиот договор во историјата на фудбалот. Португалецот потпиша за Ал-Наср до јуни 2025 година за плата од 200 милиони евра годишно, а во оваа сума се вкалкулирани и комерцијалните права на Роналдо, односно заработка од продажбата на дресови, фотографии со неговото име и лик и слични работи.

Дел од медиумите објавија дека во договорот била вметната клаузула дека Роналдо ќе биде промотор на Саудиска Арабија да ја добие организацијата на Светското првенство во 2030 година. Денеска челниците на клубот конечно се огласија.

„Ал-Наср сака да појасни одредени написи во медиумите. Договорот на Роналдо со Ал-Наср не вклучува ништо што е поврзано со кандидатурата на Саудиска Арабија да ја добие организацијата на СП 2030 година. Фокусот на Роналдо е само на Ал-Наср и како да оствари успеси со клубот“, објави Ал-Наср на својот официјален профил на „Твитер“.

Дебито за новиот клуб Роналдо ќе го има на 22 јануари против Ал-Итифак, чиј член е македонскиот репрезентативец Дарко Велковски.

- Оглас -

Најнови вести